За успехот

Кога бев мал ме учеа дека успех е ако ги имам сите петки во сведителство. Потоа успехот се адаптираше на моите години па ме учеа дека успех е да завршам факултет. Па да најдам работа. И така натаму. Како што растев така и дефиницијата за успех се менуваше. И се така до моментот кога ти се случува првиот голем неуспех во животот. И тогаш, кога седиш во калта и кога се прашуваш зошто баш тебе ти се случува ова, дури тогаш го дознаваш вистинското значење на зборот успех.

Колку и да звучи нереално, успехот нема никаква врска ни со петките, ни со факултетот ни со парите ни со наградите кои ќе ги добиете. Сите овие работи ние ги перципираме како успех но вистината е дека тие се застрашувачки далеку од вистинското значење на зборот УСПЕХ.

Кога добро ќе размислам и навратам на некои болни искуства во мојот живот сфаќам дека вистинскиот успех се случува во моментот кога ќе паднеш и кога сите твои желби и соништа изгледаат преамбицизни за да бидат твоја реалност. Токму во таа ситуација кога сиот свет околу нас се распаѓа се раѓа вистинскиот успех. Зошто?

Сите падови и предизвици всушност се тест. Сите овие работи ни се случуваат за да ја истестираат нашата издржливост но и подготвеност за битката која треба да ја добиеме за сите наши соништа да станат наша реалност.

И тогаш, во моментот кога сите бродови ти се потонати и не можеш да се кренеш од кревет бидејќи доста ти е од се, сфаќаш дека успех е да станеш и да се бориш без разлика на се. За мене, тоа е успех.

Успех е и да веруваш во себе и во сопствените соништа, без разлика на тоа што велат другите игнорирајќи го фактот дека сто пати си пробал да си ги исполниш соништата и сто пати не ти успеало.

Успех е да им испратиш љубов на сите оние кои секојдневно сеат омраза. Нив најпотребна им е љубовта. Испратете им ја.

Успех е да споделуваш со другите иако чувствуваш дека немаш доволно ни за себе.

Успех е да се насмееш, иако ти доаѓа да плачеш најгласно на свет.

Успех е да ги прегрнеш твоите родители и да им кажеш дека ги сакаш најмногу на свет. Дека без нивната помош никогаш немаше да можеш да успееш.

Успех е да немаш предрасуди кога ќе погледнеш некој кој го живее животот поразлично од тебе.

Успех е да им кажеш на пријателите дека се што се случува е испратено од универзумот и дека на крај се ќе биде во ред.

Успех е да се погледнеш наутро во огледало и да си кажеш, се гордеам со тебе.

Успех е и да им простиш на оние кои ти погрешиле. Без нивната помош никогаш нема да дознаеме што е всушност успех.

Успех е да преземеш одговорност за се во твојот живот.

Успех е да се бориш за тоа што го заслужуваш.

И најважно од се , успех е да се радуваш на туѓиот успех бидејќи достигнувањата на другите се доказ дека секој може да си ги оствари соништата , без разлика на околностите.

Ви посакувам година исполнета со УСПЕХ….

Share This Post