Коста Петров: 10 митови за водењето на сопствен бизнис

Во октомври 2010та ја напуштив компанијата која ми носеше пари и комфорт и решив да запливам во претприемничките води. Сметав дека со моето шестгодишно искуство во браншата бев повеќе од подготвен да започнам сопствен бизнис и конечно да почнам да работам самиот за себе. Колку само се излажав самиот себеси.

Не ме сфаќајте погрешно. Водењето на сопствена компанија е многу подобро од тоа што го замислував но во исто време и многу потешко од тоа што јас лично очекував.

Четири години и 20 освоени земји подоцна размислувам што ќе беше ако никогаш не отворев сопствена компанија. Дали можеби ќе бев посреќен? Дали можеби ќе правев повеќе пари? Дали полесно ќе спиев навечер? Ќе имав повеќе време за моето семејство? Повеќе време за самиот себе? Верувам дека повеќето од луѓето кои водат сопствени компании се прашуваат истото. Одговорите можеби никогаш нема да дојдат но она во што сум сигурен е дека водењето на сопствена компанија е можеби најголемата одговорност што некој може да ја има бидејќи кога водиш сопствена компанија освен одговорноста за себе и сопственото семејство на твој грб се и судбините на твоите вработени и нивните семејства.
Не ми е целта преку оваа колумна да ви солам памет и да ве советувам што треба да правите или да не правите за да бидете успешни. Целта ми е да споделам со вас неколку мои искуства кои ги скршија митовите кои јас ги имав за водењето на сопствен бизнис.

1. Ќе отворам сопствен бизнис бидејќи сакам да работам самиот за себе.

Звучи познато нели? Повеќето од нас отвараат сопствен бизнис бидејќи им е смачено да работат за некој друг. Нема никаков проблем во тоа. Проблемот е во тоа што кога имаш сопствена компанија најмалку работиш за себе. Работиш за платите на вработените, за сметките на компанијата, за плаќање на долговите и многу често се случува ништо да не остане за тебе. И тогаш во тој момент сфаќаш дека ако причината да отвориш сопствен бизнис ти била само за да работиш за самиот себе подобро и да не си отворил сопствен бизнис.

2. Најтешкиот дел е да отворам сопствена компанија. Штом ќе отворам сопствен бизнис се ќе биде полесно.

Погрешно. Отварањето на компанија е всушност најлесниот дел од процесот на водење на сопствен бизнис. Дури и првата година е лесна во споредба со тоа што ве очекува во втората, третата, четвртата година и така натака. Да бидам јасен, нема ништо лесно во водењето на сопствениот бизнис. Предизвиците секојдневно ќе чукаат на вашата врата. Клучот на успехот е како ќе се справите со овие предизвици. Ако ги гледате како нешто што го попречува работењето на вашата компанија тогаш многу брзо ќе останете без компанија но ако ги гледате како лекции тогаш секој предизвик ќе биде само уште едно скалило до успехот на вашата компанија.

3. Кога ќе отворам сопствена компанија никому нема да должам. Сите ќе ги исплаќам на време

Татко ми скоро 15 години се утепува од работа. И самиот сум бил сведок на моменти кога некој проект е завршен а наплатата доцни со месеци. Токму поради тоа кога отворав сопствена компанија најголемата желба ми беше сите да ги исплаќам на време и никому да не должам пари. За жал реалноста беше различна од моите очекувања. Доволно е некој вас да ви должи и поради тоа вие на некој друг да му должите и на крај се создава еден магичен круг од кој многу тешко се излегува.
Вистината е дека никогаш нема да бидете на 0 во компанијата со долгови. Секогаш ќе се случи нешто што ќе ви ги попречи плаќањата. Мојот совет е да не се криете во вакви ситуации и да бидете искрени. Разговарајте со вашите партнери и обидете се да дојдете до некакво заедничко решение. Најлошото што можете да го направите кога некому должите пари е да се криете и да ги игнорирате.

4. Кога ќе имам сопствена компанија ќе ги вработам најдобрите менаџери и тие ќе се грижат за бизнисот. Јас само ќе делегирам.

Менаџерите треба ти ги создадеш а не да ги вработиш. И ова е можеби најтешкиот дел од водењето на сопствена компанија. Процесот на креирање на менаџери може да трае неколку години. Некогаш се случува луѓето кои верувате дека ќе бидат добри менаџери да всушност немаат капацитет да менаџираат и процесот треба да го започнете од ново со некој друг. Но не грижете се, Ако работите внимателно ќе дојде моментот кога ќе создадете супер тим и тек тогаш ќе можете да започнете со делегирање. А до тогаш, инвестирајте во вашите луѓе. Не ви требаат роботи, ви требаат луѓе кои размислуваат со своја глава.

5. Мене сите вработени ќе ме сакаат. Јас ќе бидам најдобриот директор на свет.

Не може сите вработени да ве сакаат. Помирете се со ова. Најважно е вработените да ве почитуваат и да веруваат во вашата идеја. Се друго ќе си дојде со тек на време. Ќе има и случки кога некои ваши поранешни вработени ќе зборуваат колку сте вие лош директор и колку тоа не знаете да ја менаџирате компанијата. И тоа е во ред. Никој не е совршен. Сите учиме, Посакајте им успех на идното работно место и продолжете да чекорите напред.

6. Јас се убаво ви објаснив. Не ми е јасно како можевте да оплескате.

Колку ли пати ова го правев на почетокот? Ќе киксне некој проект и одма ќе ги обвинував вработените за неуспехот. Не сум знаел поинаку. Вистината е дека секој успех но и неупсех на компанијата е ваша одговорност. Не ви се криви вработените. Вие сте одоговорни за се. Најлесно е да обвиниш некој друг за неуспехот на компанијата. Размисли добро. Можеби погрешен човек си ставил на тој проект. Можеби не си ги менаџирал добро. Можеби не си им објаснил доволно. Можеби не си бил строг доволно. Како и да е, одговорноста е твоја. Не на твоите вработени.

7. Не ми е јасно зошто не одговараат на телефон. Па што ако е викенд. Не значи дека светот запрел бидејќи за нив е викенд.

Расчистете еднаш засекогаш. Компанијата е ваша а вработените работат за вас но компанијата не е нивна. Немој да очекувате дека ќе ја сакаат компанијата како што вие ја сакате. Не ни треба. Таа компанија е ваш сон, не нивен. Не очекувајте да остават се зад себе и да се фокусираат само на тоа што и е потребно на компанијата.

Бидејќи сме глобална компанија, многу често се случува земјите каде што работиме да работат и во недела и во сабота. Се случува и ние да не сме во канцеларија бидејќи е некој празник а во земјите каде што работиме е нормален работен ден. И може да се случи некој да не бара но не може да не добие. И тоа е во ред. Не очекувајте луѓето да се однесуваат како роботи ниту да бидат ваши робови. Оставете ги да си ги живеат сопствените животи. Ако се тие среќни и вашиот бизнис ќе биде стабилен. Еден пропуштен повик не значи крај на бизнисот

8. Јас се утепувам од работа, а немам пари а нашиве конкуренти се шират насекаде.

Не споредувајте се премногу со конкуренцијата. Убаво е да се има конкуренција. Здраво е и за вас и за нив. И тука завршува приказната. Ако отворате компанија бидејќи гледате дека некој прави многу пари во тој бизнис па и вие сакате дел од колачот најверојатно за многу кратко време ќе го затворите бизнисот. Вашиот бизнис е ваш бизнис. Тоа е ваша идеја. Вие го одите вашиот бизнис пат а конкуренцијата нивниот. Вистината е дека не ја знаете вистинската причина поради растот на вашата конкуренција. Можеби имаат инвеститор. Можеби имаат земено голем кредит. Не е важно. Обидете се да бидете подобри и поиновативни од нив а не да ги копирате и да се замарате зошто тие се шират а вие не. Ќе дојде моментот кога и вие ќе ги остварите сите ваши бизнис цели. Тоа ќе го направите само ако сте единствени и развиете ваш бизнис модел а не да копирате што прават другите.

9. Мојата компанија ќе биде како Гулг. Ќе има опуштена атмосфера и вработените ќе имаат тотална слобода да работат на своите идеји.

Гулг е Гугл. Вие не сте Гугл и нема да бидете Гугл. Престанете да ги копирате моделите на работење на другите компании. Тоа што функционира во Гугл нема да функцира кај вас. Не можете како старт ап веднаш да развиете Гугл култура. Не се ни обидувајте. Единствен начин да успеете е да креирате ваш бизнис модел и ваша култура. Ќе треба време за тоа и ќе направите мал милион грешко но ако сте трпеливи и ако брзо учите ќе го најдете најдобриот модел за вас. Гугл може да ви биде пример за тоа како се развива добра бизнис култура. И тука треба да заврши таа дискусија.

10. Ќе отворам своја компанија. Ќе ја направам успешна и после ќе ја продадам и ќе бидам милионер.

Ако отворате компанија за еден да ја продадете и да бидете милионер веројатноста дека тоа ќе ви се случи е многу мала. Инвеститорите и бизнис ангелите многу добро знаат која компанија има вистинска цел а која е креирана за да биде купена. Не бидете очајни да го продадете вашиот бизнис. Не ширите информации дека го продавате вашиот бизнис. Создадете репутација на успешен бизнис, бидете успешни и ако еден дојде моментот да го продадете својот бизнис и да станете милионер супер за вас. Но целта никако, никогаш не смее да ви биде продажба.
Имам неколку другари кои ја имаат продадено својата компанија и поради нивната неинформираност завршиле неславно. Ако се случи некој да сака да ја купи вашата компанија разговарајте добро со вашиот адвокат и со луѓе кои имаат искуство во продажба на сопствен бизнис. Не дозволувајте на крајот од денот вашата идеја и макотрпната работа бидат залудни.
Водењето на бизнис е тешко но нема поубаво чувство од тоа да крерате успешна компанија и успешен тим. Учете и споделувајте. Некогаш поради ИКС причини можеби бизнисот нема да ви успее. Не очајувајте. Бидете трпеливи бидејќи трпеливоста и издржливоста се најголемите атрибути на сите големи лидери.

Share This Post