Airport

Каква иднина ќе градиме без нашите млади?

Другарка ми денес ме израдува со одлична вест. Ќе почне со работа во Европска Комисија. Бескрајно се радувам за нејзиниот успех. Знам дека нејзиното време допрва доаѓа и тек допрва ќе слушаме за нејзините успеси. Во исто време малку сум и тажен. Има огромен талент и одлично знаење и искрено се плашам дека можеби нема да се врати да работи назад во Македонија. Се плашам дека ќе ги почувствува убавините на туѓината и ќе остане таму.  Се плашам дека можеби никој тука нема да дознае за тоа каков човек сме испуштиле од раце. Се плашам дека ќе биде една од илјадниците млади луѓе кои ја градат својата иднина во странство додека ние во Македонија слепо ставаме на пиедестал третолигаши.

Сестра ми исто така живее во странство. Не планира да се врати во Македонија. Пола од моите пријатели живеат, работат и создаваат во Прага. Другата половина се во Дубаи. Сите на високи позиции во одлични компании. Не планираат да се вратат во Македонија. Пријателка од средно работи на еден од најголемите австриски универзитети. Не планира да се врати во Македонија.

И сега што да правиме ние? Да седиме со скрстени раце? Да гледаме мајки како плачат по аеродроми бидејќи нивните деца не можат да извадат ни за леб во Македонија? Да гледаме само како младите ја напуштаат земјава? Да гледаме како младите успеваат во другите земји а не во Македонија? Да гледаме  колку многу се тие ценети во другите земји а тука никој не знае за нив? Доволно го правевме ова. Сега е време за акција.

Сега е време да ставиме прст на чело и еднаш засекогаш да се запрашаме- каква иднина ќе градиме ние без нашите млади? Не знам за вас ама јас сакам светла иднина. Сакам Македонија со која сите ќе се гордееме. Единствениот начин да го направиме тоа е да почнеме да ги цениме младите. Да почнеме да им ги даваме на младите условите кои ги заслужуваат. Да не ги пуштаме туку така да си одат. Ако веќе си отишле да направиме нешто за да се вратат. Доста беше од седење со скрстени раце. Ако сите се согласуваме дека Македонија треба да има светла иднина тогаш таа иднина мора да ја градиме со младите во прв ред.

Време е да се разбудиме!

 

Share This Post