Коста Петров:30 работи што ги научив во изминативе 30 години

За помалку од две недели ќе дојде и тој момент. Моментот од кој се плашев сиот мој живот. Моментот кога јас ќе наполнам триесет години.

Не знам зошто толку многу страв во мене од оваа бројка. Можеби поради тоа што го замислував поинаку мојот живот на овие години. Пред неколку години мислев дека до мојата 30та година ќе ги имам остварено сите мои соништа и дека конечно ќе можам да се опуштам и да уживам во сите благодети на животот. Знаев дека пред мене има уште многу пат за одење но некако наивно размислував дека 30тата година ќе ми биде година кога животот веќе нема да ми приредува неочекувани изненадувања. До некаде и сум бил во право.

Седејќи во мојата канцеларија и размислувајќи за сите работи кои ми се случија во овој лимитиран период на моето постоење, не можам а да не почуствувам благодарност за сите луѓе но и работи кои го направија мојот живот во најмала рака интересен но и полн со возбудливи моменти и спомени.

Приредени изненадување имаше премногу. Некои ме вивнаа кон врвот но некои од нив ме фрлија и во калта. Тоа што ги спојува сите нив е фактот дека во секое од нив се криеше лекција која ме правеше посилен и порешителен во остварувањето на моите соништа. Не велам дека сите соништа ми се исполнија, но силно верувам дека секој пад во мојот живот всушност беше лекција која го правеше процесот на исполнување на соништата многу полесен.
И искрено, денес на прагот на годината која најмногу ме плашеше, горд сум на себе и на луѓето околу мене бидејќи иако периодот на 30 години е можеби премал за да си ги исполнам сите соништа, сега знам дека со се што имам научено во овие 30 години, моите соништа и соништата на луѓето кои ги сакам, ќе се исполнат многу, многу побргу од очекуваното.

И што научив?
1. Апсолутно не е важно од каде си или од каде доаѓаат твоите. Многу поважно е каде сакаш ти да завршиш во животот.
2. Родителите, колку и некогаш да не не разбираат, се луѓето без чија подршка ниеден наш сон не може да стане реалност.
3. Некои луѓе се до тебе кога си на врвот но кога ќе паднеш во калта не се таму за да ти подадат рака. Семејството е тоа коа секогаш, ќе те следи насекаде. Ќе се радуваат со тебе кога си на врвот но и ќе ти подадат рака кога си во калта.
4. Големите работи во животот не доаѓаат лесно. Не ни треба да дојдат лесно бидејќи нема да ги цениме онолку колку што треба.
5. Издржливоста е најголемиот атрибут на сите големи лидери.
6. Успех не е дали ќе победиш или ќе изгубиш. Не е да освоиш прво место, не е колку пари ќе направиш или што ќе постигнеш. Успехот, всушност, не зависи од резултатот.
7. Важно е да веруваш во сопствените соништа но мора и да бидеме подготвени да претрпиме многу порази за да стигнеме до нив.
8. Секој човек може да се репрограмира. Процесот е тежок но и наградите се големи.
9. Не може секој да не сака, а не ни треба.
10. Пази се од моментот кога сите те фалат. Без баланс, нема успех.
11. Никогаш нема да можеш да почуствуваш вистинска љубов ако најпрвин не се сакаш и прифатиш себеси.
12. Не дозволувај позитивните коментари да те направат премногу горд но и негативните да те фрлат во депресија.
13. Не дозволувајте луѓето кои се откажале од сопствените соништа да ви кажуваат и вие да се откажете од вашите.
14. Ако имаш апсолутна сигурност во некоја работа, таа работа апослутно ќе стане твоја реалност.
15. Верувај во чуда. Тие ќе се појават тогаш кога најмалку очекуваш.
16. Најдобрата стратегија за остварување на вашите соништа е да не ги споделувате со другите се додека тие не се исполнат.
17. Кога не можете да си објасните зошто работите во вашиот живот се такви какви што се, не брзајте да ја пронајдете причината. Во ред е да не го знаеме одговорот.
Понекогаш вербата дека се се случува со причина е многу помоќна од дознавањето на причината.
18. Вашиот животен партнер треба да биде и вашиот најдобар пријател.
19. Заблагодари им на сите што го направиле твојот пат потежок. Тие луѓе донеле само добро во твојот живот. Извади го гневот од себе и заблагодари им за човекот што го направиле.
20. Повеќето од нашите врски и пријателства се распаѓаат бидејќи не ги прифаќаме луѓето такви какви што се. Секогаш очекуваме луѓето да се променат и да бидат такви какви што ние сакаме тие да бидат. Вистината е дека ние самите прво треба да се промениме и да бидеме пример за другите.
21. Работите се секогаш такви какви што треба да бидат. Проблемот е што ние со нашето размислување најчесто се лимитираме на сегашноста а не на големата слика.
22. Извинувањето не значи дека некој е во право а некој погрешил. Извинувањето значи дека луѓето ги цените повеќе од вашето его.
23. Секоја акција, било да е позитивна или негативна, резултира со позитивна или негативна реакција. Ако во себе сеете стравови за пад и неуспех, тогаш како очекувате успехот да дојде до вас?
24. Егото има неверојатна моќ. Можеме да постигнете милион успеси и сите тие да паднат во вода поради некој мал неуспех. Потсетувајте се на сите ваши достигнувања. Неверојатно е колку брзо забораваме на работите кои сме ги постигнале, кога неуспехот тропа на нашата врата.
25. Секоја предрасуда убива по еден наш сон.
26. Изворот на сета несреќа и неисполнети соништа во нашите животи е фактот што продолжуваме да живееме во комфорната зона. Вистинскиот живот, исполнет со апсолутно се што посакувате ве чека надвор од комфорната зона.
27. Во тешки моменти секогаш очекуваме некој да ни помогне и да не спаси. Никој не може да не спаси! Само самите себеси можеме да се спасиме. Нема потреба да бидеме жртви. Знам дека ни се случуваат лоши работи, знам дека не е лесно да се справиме со сите проблеми, но мораме, немаме друга опција! Погледнете ја ситуацијата и запрашајте се што можете да научите од неа.
28. Со вистинско и правилно менаџирање на својот талент можеме да си ги исполниме и најлудите соништа!
29. Во секој момент од нашите животи треба да споделуваме. Ако ги правиме работите само за себе и за да го нахраниме сопственото его, тогаш никогаш нема да научиме да бидеме среќни.

И најважната работа која ме води во секој момент од мојот живот- секогаш споделувајте ЉУБОВ. Кога споделуваме љубов, тогаш нема простор за предрасуди, тогаш нема да постојат и непријателите, тогаш ќе имаме и пари и здравје. Тогаш ќе имаме апсолутно се.

Share This Post