Можеме и ние

Кога предизвикот ќе тропне на наша врата, имаме две опции. Првата е да му се предадеме и да станеме жртва. Втората е да го прифатиме како благослов и да ја пронајдеме скриената лекција во него. Повеќето од нас, секојдневно ја бираат првата опција. Полесно е. Многу е полесно да се затвориме самите во себе и да се прашуваме, зошто баш мене ова ми се случува или со што го заслужив ова јас? Едноставно е. Сме го заслужиле. Но не сме го заслужиле бидејќи некој сака ние да бидеме жртва. Напротив, сме го заслужиле бидејќи имаме право да ја научиме лекцијата на нашиот живот. Се додека не го прифатиме предизвикот како шанса за наша персонална трансформација, никогаш нема да можеме да го живееме животот што навистина треба да го живееме. Многу поважно, со игнорирање на вистинското значење на предизвиците, никогаш нема да можеме да ја почуствуваме реалноста, онаква каква што навистина е, а не таква каква што другите сакаат таа да биде.

Денес во нашата земја постои реалност на беда, на сиромаштија, на скршени соништа, на скршени луѓе. Тоа е едната реалност. Онаа која ни е презентирана. Онаа која ние секојдневно ја конзумираме, односно одбираме да ја конзумираме. Не велам дека е лесно. Никому не му е лесно. Но постои и друга реалност. Реалност во која луѓето не се жртви. Реалност во која тие секојдневно работат да го променат сопствениот свет а потоа и светот на другите. Можеби нема да прочитате за нив во нашите медиуми. Можеби не се интересни, токму поради тоа што не се вклопуваат во шаблонот на беда и на патење. Не се вклопуваат во сликата дека Македонија е земја во која соништата умираат. Но изборот, не заборавајте е ваш. Вие самите ја креирате вашата реалност. И токму поради ова имате право да знаете дека во нашата земја има луѓе кои го менуваат светот. Луѓе кои го носат светот тука. Луѓе кои без разлика на се, без разлика на тоа колку е црна ситуацијата, не се предаваат. Знаете ли зошто не се предаваат? Бидејќи знаат дека филмот на нашиот живот го креираме ние самите. И никој друг.

Го пишувам овој текст бидејќи од дното на моето срце сакам да им одадам почит на луѓето кои секојдневно продолжуваат да се борат за да ја променат перцепцијата на оваа земја. Нема за нив да прочитате на Фејсбук. Тие не се борат за насловни страни. Не им се потребни. Среќни се бидејќи работат на своите соништа. Среќни се бидејќи знаат дека среќата ние самите ја бираме во нашите животи. И јас сум среќен со нив, бидејќи знам дека и јас мојата битка за вистината не би можел да ја водам без нивната помош.

Среќен сум бидејќи во Македонија постои компанија која ги работи специјалните ефекти за некои од најголемите холивудски филмови. Тука, кај нас, во нашиот главен град, постои компанија која докажува дека и од Македонија може да се менува светот. FX3X секојдневно ја менува перцепцијата за Македонија во светот. Тие се доказ дека ние не сме земја на беда, туку земја на иновации.

Среќен сум бидејќи ја знам Тања Кокев. Замислете, во земја каде модата за многумина е само хоби, таа минатата недела ја снимаше рекламата за првиот македонски парфем од моден дизајнер. Тања минатата недела ја започна модната револуција во Македонија, од Македонија. Можеби многумина ќе кажат нема пазар во Македонија за вакви работи. Нека кажат. Секогаш ќе има луѓе што само ќе зборуваат. Нека зборуваат.

Среќен сум што пред една недела бев на кафе со Ерхан. Не знам дали го познавате но Ерхан заедно со неговиот татко минатиот месец во Русија ја освоија првата награда на интернационалниот фестивал за мандолински орекстри. Не знам дали некој напиша за нивната победа. Не знам ни како ги собраа парите да заминат на пат до Русија. Но тоа е апсолутно неважно во овој момент. Важно е дека победија. Дека ги одрбанија боите на Македонија и покажаа дека и кај нас има уметност. И кај нас има култура.

Среќен сум што Јелена Јованова глуми во хрватска серија. Не се откажува девојката. Никогаш нема да се откаже бидејќи знае дека ја чекаат големи работи и само големи работи во животот. И знам, и сигурен сум дека еден ден ќе читам за неа во некој светски магазин и ќе си речам, Јелена ти си Македонија. Ти си сонот. Ти си таа што избра среќа а не беда како многумина од нас. Ти си таа што сама ја креираш својата реалност.

Среќен сум што Њу Момент, агенција од Македонија освои Лав во Кан. Знаете ли што е тоа? Тоа е како да сте добиле Оскар. Дури и поголемо од тоа. Тоа е остварување на животен сон. Тој Лав, што е за некого само статуа за другите е доказ дека соништата се остваруваат, колку и да изгледаат нерално, тие се остваруваат и ќе се остваруваат. Тој Лав е доказ дека и во оваа земја во која редовно се промовира беда и корумпираност постојат компании кои не ја прифаќаат реалноста таква каква што ни е презентирана

Знаете ли за што друго сум среќен? Во недела започнува школата за Млади Лидери организирана од Претседателот на Република Македонија. Четврта година по ред нашиот Претседател ги собира најголемите умови во Македонија и им ја дава можноста да креират реалност во која тие се победници. Да, токму тој Претседател за кој многумина ќе кажат дека нема лидерски способности, токму тој се бори за новите лидери на Македонија. Но вие не сакате да ја прифатите таа реалност. Во ред е. Не треба ни да ја прифатите. Но тоа не значи дека таа реалност не постои. Постои драги луѓе. Постои за сите нас. Но ние упорно одбиваме да ја прифатиме.

Можеби нашиот Претседател не е Обама, а не ни треба да биде. Можеби не влегува во калапот во кој ние сакаме да влезе но верувајте ми, за 5-6 години, лидерите кои ќе ја променат оваа земја ќе бидат луѓето кои биле и се дел од неговата школа. Тој е доказ дека лидер не е некој што треба да не води. Напротив. Лидер е оној кој ги инспирира другите и им ја дава можноста да ја креираат својата најдобра верзија.

Сите оние кои не ги спомнав а знам дека се многу, со вас сме. Не се предавајте. Ќе се бориме. Ќе се бориме и ќе докажеме дека и на ова парче земја постојат луѓе кои го менуваат светот. Одиме до крај. Одиме до победа. Креираме нова реалност. Кој сака нека се придружи, вратите се отворени. Изборот е наш и само наш.

Share This Post